Ванковска: Инбоксот ми е затрупан од пораки, ајде да кажам што мислам и за домашниов циркус

Статус на Билјана Ванковска:

Инбоксот ми е затрупан од пораки во врска со „Играта на (новинарските и политичките) тронови“ особено по синоќешната „бомба“ на Героски. Луѓето очигледно очекуваат од мене некаков коментар и став, а мене умот кон новата војна во најава и новите масовни страдања…

Туку, ајде да кажам што мислам и за домашниов циркус.

Прво, во „бомби“ никогаш не сум верувала – од онаа првата на ЗЗ во која си го пушти разговорот со сопствената ќерка. И на крајот излезе дека зад целиот тој спектакл се криеше едно големо ништо. Велам ништо, затоа што за најголемиот дел од скандалите веќе знаевме или се шушкаше или дури и пишуваше за нив со години… Новината беа „зачините“, т.е. злоупотребата со некрофилија, манипулација со смртта на Мартин (чиј убиец е на слобода и никој не презема одговорност, исто како за бегството на Грујо), но и на децата од Смилковско и Николчо Младенов.

Второ, „бомбата“ на Героски ја добивавме, исто така, на рати, умно темпирано (а не како Глен Гринвалд или Роберт Фиск, на пример) и во стил “друже Заев, јас ова за твое добро“, ама ако не сакаш да слушнеш…. Но, во ситуација кога новинарството е на легендарно ДНО на дното, ваквиот чин сепак буди одредена доза респект за храброста. Линчот на кој е изложен Героски е во стилот “kill the messenger” – виновен е тој што си ја врши новинарската работа, а не како оние кои поради „кодот на Да Винчи“ склопиле завет на молк за да не се врати ВМРО-ДПМНЕ (славниот политиколог Јоци ги опишува како „некои жутозуби“ – демек, небањати). Оваа „бомба“ не ме изненади во содржината, колку што е индикативна според реакциите на оние кои се нарекуваат новинари.

Ликовите од сторијата сите ги препознаваме и знаеме она што е јавна тајна за бракот од интерес на Фамилијата и Семејството, со новинарите и професори прослужници. Јас лично не сум имала респект за ниту еден од нив, и тоа не само затоа што сум била редовно предмет на линч (од „три невесте тикве брале“ до „агент на злото“) од обични платеници. ЕДноставно, целата нивна кариера е едно големо НИШТО со погубни последици (тој професорот ако го гуглате нема да му најдете ништо вредно објавено во меѓунардни рамки, а цел живот изигрува „величина“; оној новинарот е обичен жбир).

Трето, што очекувам од ова? НИШТО! Искуството покажува дека никому нема влакно од главата да му фали, ниту ќе си лежи, ниту парите ќе се вратат… Но, политички ефекти (ќе) има – еве, прво новинарите се престројуваат, да се знае кој е кој. Правосудните органи се како ној со глава в песок. Јавноста е само гладијаторска арена, често некритична кон „своите“, а крвожедна кон „нивните“ (битанги).

П.С. И да дополнам нешто: и просечен правник или политиколог ја знае разликата меѓу ВИНА и ОДГОВОРНОСТ. Според мене, без оглед дали и кога и ако се утврди вина на посочените (или ќе се најде жртвен јарец) – сепак, одговорноста за оваа катастрофа од Шарена власт ја носат сите кои биле нејзини соработници: од пиарџиите, до советниците-крлежи, па се’ до министрите…

Корупциски скандал од вакви размери не може да остане тајна или да не побуди сомнеж кај оние од најблиските кругови. Нема простување ни за тие што мижеле или со затнат нос соработувале во структурите од лични или други побуди. Штета што се насанкаа и насукаа и некои млади луѓе кои ги сметав за надеж на Македонија, ама побрзаа да станат советници на тајкунот премиер.

Previous article,,Ќе платиш со крв и месо” – вака му се заканувал Кавадарчанец на Митко Јанчев
Next article(ФОТО) Комити ги посетија семејствата Младеновски и Вукановски кои живеат во тешки нехумани услови