Александра најискрено за кариерата и љубовта со Мијалков: Сашо е непоправлив романтичар

Примабалерината Александра Мијалкова е жена со елегантен стил на облекување. Мијалкова негува класичен стил и не експериментира со боите. Црната и белата се нејзина проверена комбинација за јавни настани.

Примебалерината, викендите ги поминува пешачејќи на Водно, спортски облечена, во друштво на нејзиниот миленик, пес од расата померанец. Во таква неформална варијанта ретко кој може да ја препознае.

„ Да се биде прва балерина е предизвик. Таа треба да биде пример за добро однесување, професионалност и посветеност. Едноставно, треба да умее да се носи со сите предизвици“, изјави Мијалкова. Таа ретко зборува за својот приватен живот, за сопругот и за синот Јордан. Летово, го прослави својот 45-ти роденден во друштво на сопругот, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков и блиски пријатели.

„Сашо е непопралив романтичар. Со него секој ден ми е осми март“, изјави Мијалкова во претходно интервју. Јубилејот, 25 години уметничка дејност таа го одбележа со балетската претстава „Клеопатра“.

Повеќе од 25 години е на балетската сцена. Зад себе има многу одиграни улоги, претстави, секогаш беспрекорна во изведбата. Јубилејот во балетот го одбележа со претставата „Клеопатра“ за која вели дека ѝ е една од омилените балетски претстави.

Нејзината мајка, балерината Смилка Георгиевска, решила на 9 години да ја запише на балет. „Замисли, моите другарки една година пред мене тргнаа. Многу плачев, но мајка ми сметаше дека треба да тргнам една година подоцна. И ми рече, ако те бидува, ќе играш, ако не, немам намера да дозволам да играш во последните редови“, искрена е Сандра.

И додава:„Подоцна кога ги добивав главните улоги, мајка ми и татко ми, секогаш ми велеа, дека успехот после добро одиграната претстава, да го прифтам нормално и да не летам во облаци дека сум ѕвезда.

Јас сум многу самокритична како човек, секогаш мислам дека може подобро, а тоа всушност мислам дека е добро за нашата работа, зашто води кон напредување. Ако мислиш дека си најдобар, најубав и најпаметен, ќе стагнираш. Успехот и неуспехот треба нормално да ги доживуваш и да знаеш да се носиш во секоја ситуација“, вели таа во интервју за Репортер.

И додава дека иако некогаш имала тешки моменти, кога можеби и сакала да се откаже, сепак успевала да го преброди тоа. Најтешко можеби ѝ било кога синовите Јордан и Александар биле мали. Вели: „Тогаш ми беше навистина малку напорно. Децата беа мали, домашните обврски големи, беше напорно да се постигне секаде, на проби на сцена, дома, но со добра организација и разбирање секогаш има успех. Сепак, имав голема поддршка од мојот сопруг Сашо, кој да не беше покрај мене, јас и немаше да бидам толку успешна“, вели Александра.

Нејзината љубовна приказна со Сашо Мијалков, поранешен шеф на УБК, започнала пред 27 години во популарното кафуле во тоа време „Рома“ во Мавровка.

Вели дека тука првпат се виделе. „Нам кафулето ни беше карши театарот и многу често одевме таму после пробите, а и таму имаше добро италијанско кафе, како ретко каде во градот. Таму најчесто се гледавме и се засвиѓавме. Тој имаше уште тогаш бизнис во Прага, Чешка а воедно и студираше, па ќе се случеше еден месец да го нема во кафулето, а јас го чекав да дојде. Подоцна започнавме врска, а по две години, се зедовме кога се роди и синот Јордан“, раскажува Мијалкова за тоа кога почнала љубовта со осум години постариот сопруг.

На шега вели дека морало да го почека да дипломира, па да ја направат свадбата, која била во тогашниот хотел „Грант“, денешен „Холидеј ин“.

„Тоа беше навистина весела свадба. Многу се играше, особено што имаше многу балерини, па некако навистина беше многу весело“, раскажа своевремено примабалерината за порталот Репортер.

Previous articleТричковски: Бев да го прашам Заев тоа што Кикифрики не успеа – ми рече дека сè сам направил
Next articleСе огласи српското МВР околу шпекулациите дека не е уапсен вистинскиот Малчански бербер