Јоци: Сум сменила мислење!? Дечки, не знам на која ливада сте паселе трева

Јорданка Ивановска Јоци: ,,Сум сменила мислење!? Дечки, уште лани денот кога се потпиша ,,Преспански” го нареков ИСТОРИСКИ, не знам на која ливада сте паселе трева тогаш, но јас со име и презиме застанав зад тоа. Гласав и на референдумот.
Не сум лажен профил, имам храброст се’ да соопштам јавно, во мое име. И да трпам последици.

Веќе десет години, колку што сум на социјални мрежи, а како активен новинар да не зборувам – три тома можам да напишам.

Си читате тоа што сакате да си читате. Овие избори се историски, многу важни, бидејќи копјата ќе се кршат токму околу ова – дали ќе одиме напред или назад.
Битката ќе се води меѓу пејоративно наречените ,,северџани” кои се за НАТО и ЕУ и самопрогласените ,,патриоти”, кои, сакале чекор назад и враќање на името.

Туку, тие ,,патриоти”, тоа нивно свето ,,име” го ,,бранеа” лани со одлични плати и пред греалка. Никој не се противеше, а сега ќе беселе откако го добија Наќе министерон на три месеци.

Па, и Наќе, бе, дечки мора да мисли на себе, да биде профи, да не мислите секакви будали на врат ќе става за утре да го пуштите низ вода како што пуштивте купишта за 27 април!?

Не можам во вакви важни историски денови да стојам на страна и да се бавам со тоа кој што јадел по кафани, колку испил, што вози, каде му била вработена ќерката, колку лисја паднале од некое дрво…со тоа ќе се бавиме после решавање на ова важно прашање околу иднината на Македонија. Тоа му доаѓа ко Черчил и Тито на времето да зборувале за женски и цицки, а не за сфери на влијание и геостратешки позиции.

Го проценив моментот, алармирав за опасноста од враќање на Никола Груевски и таа мрачна ера и заземав цврст став – НАПРЕД!

Бидејќи, разумните луѓе, кои, кројат јавно мислење и не се кукавици, никогаш не треба да се кријат зад туѓи имиња и ставови, напротив секогаш мора да објават колку се резолутни околу својата земја во важен момент. Така се станува голем, а не се лута низ дупки како глушец.

Така оставам секој да одлучи, не се кријам, давам избор – да знаете што читате. Кој сака – чита што имам да кажам, кој не – пријатно.

Поради сево ова, веќе два месеци, трпам отворени и суптилни закани, ,,поздрави од пријатели”, шиканирања, навреди, клевети, повици за бесење, за линч, лаги, моронизми, а трпат и мои колеги. Ништо од тоа не се објавува додека не дојде време.

Не извлековме максимум од ,,Преспански”, но немавме добра стартна позиција заради Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кои, десет години не направија ништо околу спорот.

За мене Македонија секогаш ќе биде Македонија. Јас немам обврска да ја викам ,,Северна”, бидејќи тоа име е за службена употреба, а јас не сум службено лице, ни функционер. Залакот ,,Северна” беше голем, но мораше да се голтне. За оваа напатена земја да седне на светско столче.”

9.01.2020, Скопје
ЈИЈ

Previous articleКостадин: Од февруари платите на лекарите ќе надминуваат 100 илјади денари
Next articleСопругата се обидела да го убие екс директорот на скопската ТВ ЕРА